Матичните доктори и докторите-специјалисти од секундарното здравство од Здружението на приватни лекари утре повторно ќе протестираат на истиот начин како и на 18 февруари, што значи нема да работат со пациенти закажани преку „Мој термин”, туку ќе примаат само итни случаи.
Протестот се случува две недели откако заедно со заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски објавија дека се договориле за решение на нивните барања.
Но, до денес тие не се повикани за да се формираат работни групи, кои ќе работат на проблематиката, па рокот од две недели истече денеска напладне.
-Бидејќи никој од надлежните не ни се јави ние се решивме повторно на мирен протест – рече Лидија Чолакова – Дервишева, претседателка на ЗПЛМ.
Ваквата одлука донел Управниот одбор во неделата, кога се договориле да чекаат до денеска напладне или во спротивно повторно да протестираат како пред две недели.