Вечерва на националната арена „Тоше Проески“ се случил обид за вооружен грабеж во продавницата за бела техника Нептун во 20.30 часот.
Маскирани лица се обиделе да го одземат дневниот промет од продавницата, при што биле испукани неколку куршуми.
По обидот за грабеж, низ Градскиот парк се одвивала вистинска бркотница, во која полицијата успеала да приведе двајца сторители.
Засега не е познато дали разбојниците успеале да го одземат дневниот промет.
„Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје вечерва лишија од слобода две лица кои малку пред тоа извршиле разбојништво во продажен објект во градскиот парк во Скопје.
Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности и сторителите се лишени од слобода и во содејство со ОЈО ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од полицијата.
Настанот предизвика вознемиреност кај минувачите во близина на арената, а полициските тимови продолжуваат со активностите за лоцирање на преостанатите осомничени.