Масимо Савиќ во МОБ: Скопјани купуваат карти, кавадарчани и бесплатно не сакаа да го слушаат

by fokus

 

Хрватскиот музичар Масимо Савиќ на 17 и 18 фебруари ќе одржи концерти во МОБ, Скопје. Како што дознаваме, поголемиот дел од влезниците веќе биле распродадени и владеел голем интерес за концертите. Но за разлика од скопјани, кавадарчани многу не се заинтересирани за пејачот. Кога во 2013 година, за време на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“ во Кавадарци, тој беше најавен како главна ѕвезда на градскиот плоштад, настанот доживеа фијаско.

Уште на самиот почеток на настапот Савиќ и кажа на публиката во Кавадарци дека е малку настинат, па затоа и со себе носеше бела крпа со која што  постојано ја бришеше потта од челото.  Откако по неколку неуспешни обиди да ја натера публиката да ги пее со  него рефрените на неговите големи хитови, свртувајќи го микрофонот кон неа и повикувајќи „Ајде да ве слушнам“ тој разочарано им се обрати на  присутните со зборовите „Па добро бре луѓе, што ви е? Нели сме овде  за да се забавуваме? Немојте да ме зезате вака. Јас ли сум овде настинат, или сите вие?“.

Потоа продолжи со настапот, кој што помина без голема еуфорија и турканици за првите редови. И додека кавадарчани го гледаа Масимо како „странец во ноќта“ во исто време, на другиот крај на градот за српскиот турбо фолк пејач Кеба кој  што имаше настап се бараше слободно место плус, поради навалата на посетители.

Гостувањето на популарниот хрватски пејач тогаш беше во организација на општината, и според неофицијални извори, чинело десеттина илјади евра.

Савиќ е присутен на сцената над 30 години, а најголема популарност во поранешна Југославија му донесе хитот „Странец во ноќта“.

Вики Клинчарова

Поврзани новости