Мартин Костовски платил 150 евра – не пријавил во ДКСК дека жена му се вработила во МНР

by fokus

Пратеникот Мартин Костовски од СДСМ платил 150 евра бидејќи не пријавил дека жена му се вработила во Министерството за надворешни работи, потврдуваат за „Фокус“ од Антикорупциската комисија.

-Службеното лице Мартин Костовски, пратеник, во законски предвидениот рок после вработување на член на неговото семејство (сопруга) во Државен орган не ја извести Државната комисија за спречување на корупцијата, со што постапил спротивно на член 56 став 2 од ЗСКСИ, а казнив по член 105 став 1 алинеја 14 од ЗСКСИ. ДКСК спроведе постапка за порамнување со издавање на прекршочен платен налог, утврдила Комисијата.

Глобата што е предвидена во Законот се движи од 300 до 500 евра, но бидејќи Костовски ја платил во рок од осум дена, тој платил само 150 евра.

Антикорупциска утврдила дека за вработување на сопругата на Костовски изготвена била спогодба без јавен оглас на 28 март 2022 година, односно Ивана Костовска, советник за социјална заштита, заштита на деца и здравствена заштита – Сектор за култура, спорт, социјална заштита на децата и здравствена заштита во Куманово, е вработена без јавен оглас на неопределено време во Министерството за надворешни работи.

На седница на 25 април, ДКСК утврдила дека постои основано сомневање дека пратеникот влијаел за вработување на неговата сопруга во МНР, но бидејќи немало други кандидати, Антикорупциска не можела да го утврди потенцијалното влијание и немала законска можност за понатамошно постапување.

-Министерството има недостиг од кадар, кој ќе се посвети на тешката работа во дипломатија. Нововработените почнуваат со минимална плата и треба години за да напредуваат во кариерата. Тоа е тешка професија, тие се некој вид номади, кои цел живот го поминуваат на различни места. Госпоѓата Костовска е преземена од Куманово и сега е на пониска позиција од што била претходно, изјавуваше министерот за надворешни работи, Бујар Османи кога минатата година во јавноста се обелодени дека Костовска се вработила во МНР.

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости