Професорот д-р Вело Марковски не е уапсен во Скопје, како што деновиве се објавува на социјалните мрежи, а заедно со веста се споделува и негова фотографија на која го држат полициски службеници.
Станува збор за злоупотреба на неговиот лик, која веќе извесно време е актуелна и за други познати лекари-специјалисти во земјава, а зад која стои продажба на лекови со сомнително производство.
Линкот на кој е објавена веста за неговото апсење води до страница, наводно на Канал5 ТВ, а во текстот пишува дека бил уапсен бидејќи ја открил вистината и промовирал лек за болест од која најмногу се умирало, односно лек против висок притисок, кој се продава по цена од 2.600 денари.
Инфектологот Марковски речиси цела година на својата официјална страница информира дека ликот му е злоупотребен и дека никогаш ниту рекламирал, ниту пак планирал да рекламира било какви лекови.
-Ова е измислено интервју, објавив веќе неколку пати дека моето име е злоупотребено. Ги молам институциите да стават крај на вакви злоупотреби со моето, но и имиња на други лекари, кои се користат за продажба на препарати со огромна заработка, користејќи ја преходно стекнатата доверба!- алармира д-р Марковски во повеќе наврати.
Инаку, тој беше притворен на 31-ви декември 2020 година, а кратко потоа ослободен од притвор, а Обвинителството за организиран криминал и корупција соопшти дека Марковски заедно со уште шест лица е обвинет дека вршел недозволени археолошки истражувања и ископувања на археолошки локалитети и локалитети со природни реткости на територијата на Македонија, пронајдените добра неовластено ги присвојувале и прикривале, а потоа добрата неовластено ги продавале на купувачи во земјава и во странство.
По настанот тој јавно се огласи и кажа дека неправедно бил притворен, дека не бил ниту криминалец, ниту пак среброљубец, пронајдените кристали ги купувал на саем, а репликите кои му биле пронајдени биле купени од автопазар, од Турција и Египет, и станувало збор за предмети кои ги имало во многу семејства кои ги негувале традиционалните вредности.
Покрај злоупотребата на имиња на лекари, периодов на мета на интернет измамници се најдоа и поп пејачките Калиопи и Каролина Гочева. Тие беа злоупотребени за реклама за козметички препарати, односно за производ за подобрување на слух. И двете се огласија дека се работи за лажна реклама, која и покрај пријавата, постојано се појавува од различни профили.
Вики Клинчарова