„Марковски Компани“ склучи нов договор со ЕСМ, 12 булдожери ќе копаат во РЕК Битола за 9 милиони евра!

Битолската компанија на почесниот белоруски конзул во земјава претходно го доби и тендерот за ископ на јаловина вреден 25 милиони евра со поддршка на подизведувачи блиски до Заев, иако, како што пишуваше „Фокус“, конкурентската „Пелистер“ понудила пониска цена пред да биде елиминирана.

by Фокус

Државната компанија за производство на струја АД ЕСМ и приватната компанија „Марковски Компани“ склучија нов вреден договор. Според Бирото за јавни набавки, тој се однесува на „ангажирање на помошна механизација за потребите на рударската оператива во РЕК Битола“. Неговата вредност е 566 милиони денари или 9 милиони евра.

Поточно, се работи за т.н. рамковна спогодба, во чии рамки ќе се склучуваат договори во следните 18 месеци за изнајмување на индустриски возила со возач, чија вкупна вредност не смее да надмине 9 милиони евра. Сепак, минатото искуство покажува дека речиси сите договори од овој тип се исцрпуваат во скоро во целост.

Во рамки на оваа тендерска постапка, конкурирала и скопската „Мис-Комерц“, која понудила цена од 15.000 денари по час, без вклучен ДДВ. Сепак, на крајот била избрана пониската понуда на битолската „Марковски Компани“ од 13.777 денари без ДДВ или 16.253 денари со вклучен ДДВ. Имено, оваа цена  важи за еден час работа на ангажираните булдожери-гасеничари, од кои компанијата пријавила 10, плус 2 во резерва.

Во договорот меѓу двете страни се наведува дека избраниот економски оператор може да ангажира подизвдувачи за дел од договорот, по претходно добиена согласност од страна на договорниот орган. Меѓутоа, за разлика од претходно, во овој договор не се наведени конкретни правни субјекти како подизведувачи.

Неодамна објавивме дека „Марковски Компани“ го доби и тендерот за ископ на јаловина вреден 25 милиони евра со поддршка на, како што пишувавме, подизведувачи блиски до поранешниот премиер Зоран Заев, иако конкурентската „Пелистер“ понудила пониска цена. Но, оваа компанија била елиминирана во фазата на евалуација, бидејќи не го исполнувала условот за бараната опрема.

„Марковски Компани“ го доби милионскиот тендер за јаловина од ЕСМ со повисока понуда од елиминираниот „Пелистер“!

При проверка на комплетноста и валидноста на документацијата за утврдување на способноста на понудувачите и при евалуацијата на понудите, Комисијата за јавни набавки утврди дека понудата на понудувачот „Пелистер“ е неприфатлива од причини што не ги исполнува барањата согласно тендерската документација од точка 5.3.3.1 техничка и професионална способност, односно не го исполнува бројот на потребната барана опрема“, ни одговорија од ЕСМ.

Претходно, пак, „Фокус“ објави дека „Марковски Компани“, во отворена постапка, склучила рамковна спогодба за ископ на јаловина во РЕК Битола во висина од 25 милиони евра, во чии рамки треба да се склучуваат договори согласно потребите. Притоа, оваа компанија на почесниот белоруски конзул во земјава Борче Марковски ја доби зделката со понуда од 2.871 денари за метар кубен без ДДВ, додека „Пелистер“ понудил 2.800 денари за кубик.

Инаку, „Пелистер“ на бизнисменот и поранешен битолски градоначалник Силјан Мицевски долги години имаше плоден пазар во рудниците на РЕК Битола, меѓутоа со тек на времето доби сериозна конкуренција од „Марковски Компани“. Неделникот „Фокус“  веќе пишуваше за правните битки што ги водат „Пелистер“ и „Марковски Компани“ за богатите тендери на ЕСМ.

(АРХИВА): Како Пелистер и Марковски Компани „војуваат“ за богатите тендери на РЕК Битола?

Што се однесува до договорот за ископ на јаловина, кој впрочем е најголемиот договор за работа во рударско-енергетскиот комбинат во Битола, „Марковски Компани“ го доби со 3 подизведувачи: струмичките „Сим Инженеринг“ и „Јавор-Транс“ и охридската „Топлина“. Според договорот, ним ќе им припадне по 10 отсто (вкупно 30) од договорот, што значи вкупно 7,5 милиони евра или за секој по 2,5 милиони евра.

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека „Сим Инженеринг“ е компанија основана во 2005 година, која е во сопственост на Горан Крстев и неговиот татко Симеон Крстев, додека управител е Сашко Брндевски. И „Јавор-Транс“, основана во 2010 година, е во сопственост на синот и таткото Крстеви (Горан и Симеон), со тоа што таму како управител се јавува Драги Цикарски.

Тендер тежок 25 милиони евра: Фирми блиски до Заеви долетаа во РЕК Битола со „Марковски Компани“!

Уште во 2019 година, „Фокус“ објави сторија во која пишувавме за сите фирми од империјата на Заеви, односно обелоденивме триесетина компании во сопственост на семејството Заеви и нивните деловни партнери. Меѓу нив беа и двете струмички фирми, кои сега се јавуваат како подизведувачи на „Марковски Компани“ во тендерот за ископ во РЕК Битола.

(АРХИВА) Бизнис-империја: Заеви и нивните партнери поседуваат 30 компании во Струмица!

Во однос на „Марковски Компани“, пак, пишувавме дека таа е во сопственост на Борче Марковскикој во 2016 година беше избран за почесен конзул на Белорусија во Македонија. По тој повод, се случи едно од ретките појавувања на Марковски во јавноста, кога порача дека ќе даде максимален придонес за зајакнување на билатералната соработка меѓу двете држави.

Која е фирмата што директно доби тендер од ЕСМ вреден 19 милиони евра?

Финансиските извештаи на друштвото покажуваат дека ланската 2022 година остварува приходи од 30 милиони евра, што е раст за 173 отсто во споредба со претходната 2021, додека лани добивката изнесувала 6,6 милиони евра, што пак претставува раст од цели 1.500 отсто во однос на 2011, кога добивката изнесувала помалку од половина милион евра.

Влатко Стојановски

Поврзани новости