„Марковски Компани“ го доби милионскиот тендер за јаловина од ЕСМ со повисока понуда од елиминираниот „Пелистер“!

„Марковски Компани“ на почесниот белоруски конзул, со поддршка на 3 подизведувачи, меѓу кои 2 струмички фирми блиски до Заеви, го доби тендерот за ископ на јаловина вреден 25 милиони евра со понуда од 2.871 денари за метар кубен, додека конкурентската „Пелистер“ понудила 2.800 денари, но била дисквалификувана, бидејќи не ја поседувала бараната опрема.

by Фокус

Битолската „Марковски Компани“ го добила тендерот од АД „ЕСМ“ за ископ на јаловина вреден 25 милиони евра со поддршка на, како што веќе објавивме, подизведувачи блиски до поранешниот премиер Зоран Заев, иако конкурентската „Пелистер“ понудила пониска цена, но била елиминирана во фазата на евалуација, бидејќи, според информациите што ги добивме, не го исполнувала условот за бараната опрема.

Тендер тежок 25 милиони евра: Фирми блиски до Заеви долетаа во РЕК Битола со „Марковски Компани“!

При проверка на комплетноста и валидноста на документацијата за утврдување на способноста на понудувачите и при евалуацијата на понудите, Комисијата за јавни набавки утврди дека понудата на понудувачот „Пелистер“ е неприфатлива од причини што не ги исполнува барањата согласно тендерската документација од точка 5.3.3.1 техничка и професионална способност, односно не го исполнува бројот на потребната барана опрема“, ни одговорија од ЕСМ.

Претходно, „Фокус“ објави дека „Марковски Компани“, во отворена постапка, склучила рамковна спогодба за ископ на јаловина во РЕК Битола во висина од 25 милиони евра, во чии рамки треба да се склучуваат договори согласно потребите. Притоа, оваа компанија на почесниот белоруски конзул во земјава Борче Марковски ја доби зделката со понуда од 2.871 денари за метар кубен без ДДВ, додека „Пелистер“ понудил 2.800 денари за кубик.

Инаку, „Пелистер“ на бизнисменот и поранешен битолски градоначалник Силјан Мицевски долги години имаше плоден пазар во рудниците на РЕК Битола, меѓутоа со тек на времето доби сериозна конкуренција од „Марковски Компани“. Неделникот „Фокус“  веќе пишуваше за правните битки што ги водат „Пелистер“ и „Марковски Компани“ за богатите тендери на ЕСМ.

(АРХИВА): Како Пелистер и Марковски Компани „војуваат“ за богатите тендери на РЕК Битола?

Што се однесува до последниот договор за ископ на јаловина, кој всушност е најголемиот договор за работа во рударско-енергетскиот комбинат во Битола, „Марковски Компани“ го доби со 3 подизведувачи: струмичките „Сим Инженеринг“ и „Јавор-Транс“ и охридската „Топлина“. Поточно, според договорот, ним ќе им припадне по 10 отсто (вкупно 30) од договорот, што значи вкупно 7,5 милиони евра или за секој по 2,5 милиони евра.

Според податоците од Централниот регистар, „Сим Инженеринг“ е компанија основана во 2005 година, која е во сопственост на Горан Крстев и неговиот татко Симеон Крстев, додека управител е Сашко Брндевски. И „Јавор-Транс“, основана во 2010 година, е во сопственост на синот и таткото Крстеви (Горан и Симеон), со тоа што таму како управител се јавува Драги Цикарски.

Уште во 2019 година, „Фокус“ објави сторија во која пишувавме за сите фирми од империјата на Заеви, односно обелоденивме триесетина компании во сопственост на семејството Заеви и нивните деловни партнери. Меѓу нив беа и двете струмички фирми, кои сега се јавуваат како подизведувачи на „Марковски Компани“ во тендерот за ископ во РЕК Битола.

(АРХИВА) Бизнис-империја: Заеви и нивните партнери поседуваат 30 компании во Струмица!

За потсетување, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски објави случај со присвојување државно земјиште. Се работи за градежна парцела со површина од 18.462 квадратни метри, која Општина Струмица во 2014 година, кога Заев е градоначалник, на јавна аукција му ја продала за 700.000 евра на Сашко Брндевски, управител на „Сим Инженеринг“ – првиот подизведувач на „Марковски Компани“.

Како што обвинуваше Мицкоски, откако Брндевски во 2016 година добил одобрение за градење на станбен комплекс, тој веднаш склучил договор за пренесување на правото на градење или отстапување на парцелата со „Тотал Инженеринг“ во сопственост на Вице Заев, брат на Зоран Заев, како и со уште градежна компанија што се поврзува со Заеви – „АД Пелагонија Струмица“.

Она што дополнително ги поврзува Брндевски и Заев е уште една компанија за изградба на станбени и нестанбени згради основана во 2009 година – „Сара Инженеринг“, која во 2010 година купи две од трите градежни парцели за изградба на згради кај поранешната струмичка касарна во површина од 36.131 квадратен метар за вкупно 1,5 милиони евра.

Поточно, Брндевски денес е содружник во оваа градежна компанија, заедно со Ристо Кречев и Зоран Марковски, додека порано во нејзината сопственичка структура бил и Вице Заев. Воедно, Заев се јавува како содржуник заедно со Кречев во уште неколку компании. Една од нив е „Сара Јавор Инженеринг“, каде содружник е и Драги Цикарски, управител на „Јавор-Транс“ – вториот подизведувач на „Марковски Компани“.

Своевремено, Цикарски бил управител на компанијата „Де Лукс Инженеринг“, еден од содружниците на проектот за изградба на Глобал.  Како што е познато, за оваа градба, тогашниот градоначалник на Струмица и подоцна премиер Зоран Заев заврши во притвор во 2008 година, но подоцна беше аболиран од страна на тогашниот претседател Бранко Црвенковски.

Во однос на „Марковски Компани“, пак, пишувавме дека таа е во сопственост на Борче Марковскикој во 2016 година беше избран за почесен конзул на Белорусија во Македонија. По тој повод, се случи едно од ретките појавувања на Марковски во јавноста, кога порача дека ќе даде максимален придонес за зајакнување на билатералната соработка меѓу двете држави.

Која е фирмата што директно доби тендер од ЕСМ вреден 19 милиони евра?

Финансиските извештаи на друштвото покажуваат дека ланската 2022 година остварува приходи од 30 милиони евра, што е раст за 173 отсто во споредба со претходната 2021, додека лани добивката изнесувала 6,6 милиони евра, што пак претставува раст од цели 1.500 отсто во однос на 2011, кога добивката изнесувала помалку од половина милион евра.

За потсетување, непосредно пред политичките промени на средината на 2017 година, довчерашниот директор на ЕСМ (ЕЛЕМ) Васко Ковачевски ја обвинуваше оваа фирма дека е блиска до Сашо Мијалков. Но, „Марковски Компани“ продолжи да добива тендери од ЕСМ/ЕЛЕМ и по промената на власта, и тоа со засилено темпо.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости