Маријан Јанкуловски, сега пензионер, а претходно вработен во УБК, во Петтата управа, денеска сведочи на судењето „Таргет и Тврдина“, односно за нелегалното масовно прислушување во УБК.
Јанкуловски имал повеќе работни задачи, односно бил задолжен за оддржување и сервис на компјутерите, а потоа и да маркира броеви, поточно маркирач е човекот кој го внесува телефонскиот број во системот за прислушување во УБК. Тој внесувал броеви и во двата системи, и во „Веринт“ и во „Најс“.
На прашањето на обвинителот Трајче Пеливанов да го опише процесот на маркирање, сведокот рече:
-Многу доцна дојдоа судските наредби. Прво идеше со ливче или со СМС порака, а началникот Горан Грујевски подоцна воведе листови, на кои пишуваше број, псевдоним…На почетокот налог за маркирање ми даваше Грујевски, Надица Николич, која не ми беше претпоставена, а се случуваше и Небојша Стајковиќ да ми дава броеви за маркирање и уште неколкумина, рече сведокот.
На прашањето на обвинителот дали некогаш неговиот претпоставен Звонко Костовски му дал налог за маркирање, сведокот одговори со „Не“.
Тој појасни дека имало неколку фолдери во кои се ставале броевите за маркирање, а биле под називите „Важно“, „Јавна безбедност“ и „Државна безбедност“.
-Кога пак имаше судска наредба тогаш бројот одеше во фолдерот „Судска наредба“, кој подоцна беше отворен. Се случуваше бројот кој требаше да се прислушува со судска наредба веќе да бил ставен во некој од другите три фолдери, рече сведокот, кој рече дека секој фолдер имал и подфолдер. Кога и кажал на Николиќ дека некој број веќе бил маркиран, и таа била изненадена.
Тој појасни и кој имал пристап до фолдерите.
-На почетокот пристап до фолдерите имаа петмина, чии кориснички имиња беа првата буква од името и цело презиме. Тогаш сигурно пристап имаа Надица Николиќ, Горан Грујевски и директорот Сашо Мијалков. Потоа по барње на Грујевски корисничките имиња беа заменети со шифри, рече сведокот Јанкулоски, кој додаде дека оние што имале пристап во фолдерите можеле да видат кој е бројот што е маркира , кој е псевдонимот, да ги слушаат разговорите и да ги гледаат СМС пораките.
Сведокот имал задолженија да реже и цедиња од прислушуваните разговорите.
-Режењето на ЦД се вршеше по потреба. Тоа одеше со ливче, како што и претходно одеа броевите, а потоа се режеа и многу ЦД со судските наредби. Тие што не беа со судски наредби ги добивав од Надица Николиќ и нејзе и ги враќав. Еднаш имав вакво барање за режење на ЦД и од Горан Грујевски, кои на број беа шест. На нив имаше разговори од судската наредба за прислушување на Зоран Заев, рече сведокот.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Биле прислушувани над 20 илјади граѓани.
Меѓу обвинетите за овој случај е екс директорот на УБК Сашо Мијалков, како и неколку вработени во веќе згаснатата УБК.
В.В.