Марјана не открива дали Шилегов се покажал како добар салса играч

by Fokus 17:08
17:08

-Воздржана сум и нема да коментирам за танцувањето на градоначалникот Шилегов, бидејќи акцентот денес треба да се стави на танцувањето на матурантите, а не на мене или пак на Петре. Имаме убава матурска парада и тоа е најважно – ни изјави во телефонски разговор водителката Марјана Станојковска, која денес играше салса со Шилегов на бината на плоштад Македонија во Скопје.

-Не сум компетентна да дадам изјава на темава, најдобро ќе биде да ги прашате одговорните од танцовото студио ,,Ритам плус’’ – ни одговори Марјана на прашањето дали Шилегов се покажал како добар играч на салса, или пак има уште многу да учи.

- Advertisements -

Покрај нив двајцата, откако заврши квадрилот, со звуци на салса на бината заиграа повеќе лица, помеѓу кои и Тодор Миладинов од ,,Ритам плус’’, а матурантите им се придружија. Шилегов, најпрвин како да се двоумеше, но потоа храбро се разигра. Видео снимки од нивниот танц веќе ги преплавија социјалните мрежи. На матурската парада танцуваа над 1.000 матуранти.

Денес во повеќето градови во земјава и Европа матурантите го заиграа традиционалниот квадрил на плоштадите. Со танцот се испраќа порака за толеранција и ненасилство, и целта му е да се манифестира дружбата на матурантите ширум Европа, да се афирмира танцот, почитувањето на партнерот, пристојните манири и тимската работа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости