Марјан Стаменковски – сопственикот на „Доказ“ не признава вина

by Fokus

Марјан Стаменковски, сопственикот на порталот „Доказ“ не призна вина за петте кривични дела за кои го гони Основното јавно обвинителство – Скопје.

Неговата одбрана смета дека во случајот воопшто нема основа за кривичен прогон , туку дека тоа што тој го правел е само вербален деликт.

„Доказната постапка продолжи со испитување на оштетените, тоа значи дека обвинетиот не призна вина, тој смета дека не е виновен за ова и дека се работи за вербален деликт, а не и за кривична одговорност. Се надеваме дека во текот на постапката и ќе го докажеме тоа“ – рече еден од неговите адвокати, Коста Нојков.

Најков очекува неговиот клиент да добие ослободителна пресуда.

„Нашите очекувања се дека ќе добиеме ослободителна пресуда бидејќи ова обвинение значи враќање на вербалниот деликт на мала врата. Без оглед дали она што го пишува Марјан некому му се допаѓа или не, тука разговараме за кривична одговорност и дали има или нема извршување на кривично дело“ – посочи тој.

Минатата недела се одложи почеток на судската постапка бидејќи одбраната бараше предметот да му се додели на обвинител од некое обвинителство од друг град бидејќи ОЈО Скопје во случајот се јавува како оштетено. Сепак, Вишото јавно обвинителство Скопје го одби барањето и денеска судскиот процес продолжи со испитување на оштетените.

Судскиот процес се одвива зад затворени врати.

Како оштетени се јавуваат новинарки, свештени лица, истражители, една телевизија и уште едно лице. Тие очекуваат со овој процес да се направи разлика дека тоа што го прави Стаменковски преку „Доказ“ не е новинарство и да се знае кои се новинари, а кои рекетари.

Судијка во овој предмет е Марија Клетничка-Марковска.

Стаменковски беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари.

Поврзани новости