Марјан Ѓорчев, поранешен пратеник, министер и градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно ќе биде нов македонски амбасадор во Бугарија, на местото на Благој Ханџиски, дознава Фокус од добро упатени владини извори.
Ѓорчев не крие дека има амбиции да замине на амбасадорска служба во Софија, велејќи дека за оваа позиција аплицирал многу одамна, но до ден денес нема потврда дека ќе биде упатен на служба во главниот град на нашиот источен сосед.
– Мене до сега никој не ме известил официјално дека ќе бидам амбасадор во Софија – изјави тој, кој моментално не е во јавната служба, туку делува во прватниот сектор преку своја компанија.
Ханџиски, чиј 6-годишен мандат завршува на почетокот на следната година, пак, вели дека амбасадите не се овластени да даваат информации дали ќе има промена на амсбасадорската функција.
– Жалам што не можам да ви помогнам – кусо изјави некогашниот висок функционер на СДСМ, кој во време на ВМРО-ДПМНЕ беше амбасадор во Грција, од каде замина во Бугарија.
Од македонската влада, која предлага кандидати за амбасадори до претседателот на државата, велат дека во принцип предлозите се носат на затворена седница и дека во текот на денот ќе не известат дали во скоро време се планираат амбсадорски смени.
Ѓорчев беше пратеник и министер за земјоделство во време кога ВМРО-ДПМНЕ го предводеше Љубчо Георгиевски. Кога Георгиевски се повлече од лидерското место по изборниот пораз во 2002 година, Ѓорчев му беше противкандидат на актуелниот премиер Никола Груевски за челното место во тогаш опозициското ДПМНЕ.
На фамозниот партиски конгрес во Охрид во 2003 година победи Груевски со сесрдна поддршка и помош на логистиката и структурите на Георгиевски, кој неколку години подоцна изјави дека доколку тој не се заложел за таков исход и доколку допуштил да има фер натпревар, ќе победел Ѓорчев.
Како и да е, подоцна Ѓорчев отстапува од ВМРО-ДПМНЕ и во 2005 година ја формира Земјоделската народна партија, која не успева да се етаблира на македонската политичка сцена, па по парламентарните избори во 2006 година, на кои власта ја презеде ВМРО-ДПМНЕ, се претопува во матицата. На локалните избори во 2009 година Ѓорчев е вмровски кандидат за градоначалник на Кисела Вода, функција која ја извршуваше само еден мандат, се до изборите во 2013 година, кога партијата ја кандидираше Билјана Беличанец – Алексиќ.
Како што открива една од опозициските „бомби“, за него особено негативно мислење имаат Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска, кои говорат дека нивниот сопартиец наводно се борел за идеологија, а постојано ургирал за да оствари некакви привилегии.