Општината ќе издвојува 3500 денари за секое прваче, а обезбедувањето во училиштата ќе биде на товар на општината, не на родителите, ветува кандидатот за градоначалник на СДСМ во Општина Аеродром, Златко Марин. На овој начин, вели тој, Општината ќе ги намали трошоците на родителите и ќе го подобри квалитетот на животот за нив и нивните деца.
„Секоја година се запишуваат по околу 800 првачиња во основните училишта. Сепак, родителите досега немаа поддршка од општината, а локалната власт недоволно одвојуваше за проекти наменети за нив“, посочува Марин.
Тој додава дека од општинскиот буџет ќе се издојуваат пари за награди и стипендии за талентираните ученици.
„Трудот на децата ќе се цени и наша обврска е да ги мотивираме да учат и се развиваат. Ветуваме финансиска поддршка за талентирани спортисти и деца кои се посветени на спортсиот развој. Потоа, наш фокус ќе биде проширување на сите основни училишта според потребите и реновирање на сите тоалети кои се во очајна состојба. Недозволиво е да има три смени во некои училишта заради недостаток на простор“, порачува тој.
За родителите со дечиња во предшколска возраст предвидува големи инвестиции и подобрување на условите во градинките, изградба на нови градинки и проширување на постојните.
„Ова ќе биде нашиот фокус, соодветен простор за сите. Планираме изградба на нови современи и еколошки детски игралишта, со модерни реквизити и редовно оддржување на истите. За крај, заедно со Град Скопје, конечно ќе ја изградиме гимназијата Кузман Јосифовски Питу која со години ја ветуваше ВМРО-ДПМНЕ. Како професор и човек кој секој ден комуницира со родителите знам колку се важни условите во кои растат и се развиваат децата. Затоа, новата локална власт ќе биде сојузник на родителите и партнер во нивните напори да обезбедат добар и квалитетен живот за своите деца“, додава кандидатот на СДСМ.