Маријана Станојковска: Ми одговара сензибилитетот на Васил, ние сме супер тим!

by fokus

Со Васил сме супер тим, вели ТВ водителката Марјана Станојковска, која заедно со актерот Васил Зафирчев ќе се појави на сцената на Интернационалната вечер на ,,Охрид Фест”, на трети септември.

Тие повторно ќе бидат домаќини на сцената на Долни Сарај, а од минатите години публиката ги помни како одлично уиграно водителско дуо, кое исто така се покажа и како усогласен танцувачки пар.

– Ми одговара неговата енергија, неговиот сензибилитет, одлично се согласуваме. Тој е првенствено голем уметник, кој поседува извонреден талент и за сценски движења, токму затоа и кога се подготвуваме за „Охрид фест“ одлучуваме да вметнеме некоја интересна танцова кореографија со која ќе ја изненадиме публиката.

Да се работи со него претставува вистинска чест и задоволство.

Патем, многу ја сакам музиката и се радувам на „Охрид фест“, бидејќи е единствен фестивал што гради регионални мостови на музиката и како што потенцира уметничкиот директор на Интернационалната вечер, Горан Шарац- ,,Охрид фест“, тоа е како Евровизија на Балканот – вели Маријана.

Васил пак, раскажува дека со Маријана ги врзува долгогодишно пријателство и соработка. Не крие дека со нетрпение го чека трети септември, кога ќе се појават на сцената пред многубројната публика.

-Со прекрасната Марјана не врзува долгогодишно пријателство и соработка, а покрај модерацијата, не обединува и љубовта кон музиката и танцот. Се радувам што и годинава заедно со неа ќе бидеме домаќини на Интернационалната вечер на фестивалот и ќе се дружиме со изведувачите и публиката на сцената на Долни Сарај.

За мене е задоволство и уживање повеќе годишната соработка со „Охрид Фест“, фестивалот кој речиси три децении континуирано ја негува македонската народна и забавна музика, ги обединува најзначајните музички имиња од регионот, гради музички мостови на пријателство, им дава одлична можност за промоција на младите а воедно ги афирмира и промовира вечните убавини на Охрид и на Македонија-раскажа Зафирчев.

Фестивалот ќе се одржи на втори и трети септември на сцената на Долни Сарај, и ова е 29-то издание на реномираната манифестација која секоја година привлекува голем број на посетители, желни за добрите звуци на музиката од Балканот.

На втори септември ќе настапи фолк елитата, а пак на трети ќе гостуваат голем број на атрактивни музички имиња од Балканот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости