Северна Македонија во делот на судство има голем напредок, вели министерот за правда Бојан Маричиќ во врска со Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата што беше објавен вчера.
-Извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија се реални, во делот на судство има голем напредок, уважени се напорите за активноста на Судскиот совет, има пофалби за Академија на судии, има повеќе елементи дека се спроведуваат реформите. Се движиме во вистинската насока. Имаме средна оценка, умерено подготвен. Јавниот сервис не е чепнат затоа што има премногу критични околности. Се продолжија случаите на СЈО, има многу работи кои се направија за овие четири години кои не придвижија од „заробена држава“, истакна министерот Маричиќ во денешното гостување во Студио 10 на ТВ24.
Тој посочува дека не треба да заборавиме дека година ипол се занимаваме со ублажување на ковид последиците.
-Реален е извештајот на Европската комисија, факт е дека е добро што опозицијата е во Собранието, вели Маричиќ.
Во Извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија што вчера беше презентиран во Европскиот парламент во Стразбур за сите шест земји од Западен Балкан, заедно со Пакетот за проширување 2021 стои дека судскиот систем е „умерено подготвен“ за ЕУ членство.
-Мал напредок е постигнат во однос на спроведувањето на стратегијата за судска реформа со што дополнително се одговара на препораките на Венецијанската комисија и на Експертската група за владеење на правото. Напори сѐ уште се потребни за да се обезбеди систематско спроведување на обновениот акциски план за стратегијата за судски реформи и стратегијата за човечки ресурси за судството и обвинителството, оценува Европската Комисија.
Од ЕК оценуваат дека Северна Македонија покажува умерена подготвеност и во борбата против корупција и дека земјата го зацврстува процесот на гонење криминал и корупција вклучително и високопрофилни случаи.
Се бара земјата да ги подобри и условите во затворите и да ги зајакне алтернативите за затворски казни.