Министерот за правда, Бојан Маричиќ, смета дека со координирањето меѓу Јавното обвинителство, Кривичниот суд и Министерството за внатрешни работи целта била да се врати Сашо Мијалков од бегство. Според него, нема ништо спорно во тоа што премиерот Зоран Заев изјави дека токму тој ја координирал акцијата.
-Овде се разговараше за бегство на човекот кој неколку дена подоцна веќе му беше изречена казна затвор од 12 години. Не зборуваме за монтиран случај, не беше целта на тој состнаок да се монтира случај против било кого, туку целта беше како да се врати некој кој е во бегство. Некој за кој целата јавност беше заинтересирана – рече Маричиќ на 360 Степени.
Тој додава дека на состанокот никој не навлегол во туѓи надлежности, туку секоја институција постапила максимално во рамки на своите надлежности и обврски. Во однос на прашањето упатено кон Маричиќ како во иднина да им се верува на Јавното обвинителство или Кривичнот суд ако евентуално треба да застанат наспроти премиерот, тој рече дека изминативе неколу години овие институции покажале дека никој не е поштеден.
-Да не зборуваме за претпоставени ситуации, да зборуваме за конкретни. Во изминативе неколку години и обвинителството и судот покажаа дека никој не е поштеден и во случајот „Рекет“ и во другите случаи, никој не беше потшеден од тие што беа инволвирани, а имаше и високи функционери на владејачката партија – истакна Маричиќ.