Се подобро ги искористуваме фондовите на Европската Унија, но има простор за подобрување и ќе продолжиме. На почеток од 2023 година следува нова инвестициска офанзива со европски пари, информира вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција во Владата.
Маричиќ појасни дека на тековниот повик за инвестициски грантови, Северна Македонија учествува со три нови проекти во вкупен износ од околу 53 милиони евра и тоа два проекта од областа на енергетиката – реновирање на шест хидроцентрали и изградба на ветернички парк во Богданци и еден од областа на заштитата на животната средина – изградба на регионални центри за цврст отпад во Полог, Пелагонија, Вардар, Југозападен и Југоисточен регион.
– Работиме на спроведување на инвестициска агенда на земјата и аплицираме за големи стратешки проекти кои се влог за иднината на нашите деца. Преку инвестициската рамка за Западен Балкан која Северна Македонија веќе ја користи се финансираа стратешките приоритети од економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан промовиран во октомври 2020 година. Тогаш еврокомесарот Вархеји најави 9 милијарди евра за периодот од 2021-2027 година, инвестиции кои треба да привлечат дополнителни 20 милијарди евра заеми од меѓународните финансиски институции, информира Маричиќ.