Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, на денешниот објаснувачки скрининг состанок за „Функционирање на демократските институции“, во своето воведно обраќање рече дека ова е област која е од суштинска важност за секое демократско општество и дека ќе бара максимална посветеност на реформската агенда која ќе помогне да се забрза напредокот во оваа важна област.
–Реформските процеси не се само за воведување нова легислатива, туку и за промена на менталитетот и стилот на владеење. Знаеме и имаме искуство за тоа колку е важно владеењето на правото, како и тоа да имаме независни и ефикасни институции кои го гарантираат истото, рече Маричиќ.
Како што соопшти СЕП, вицепремиерот и главен преговарач Маричиќ на состанокот истакна дека Северна Македонија има постигнато огромен напредок во последните години, особено во однос на владеењето на правото и враќањето на демократијата со градење силни и функционални институции кои работат на принципите на отчетност, транспарентност и инклузивност, со што успешно одговорила на назадувањето кое е нотирано и во последниот Извештај на Европската комисија.