Има и мора да се најде начин да се сменат практиките и да се врати довербата во судството кај нас и да се покаже дека навистина може да биде независно, порача вечерва министерот за правда Бојан Маричиќ.
-Токму размислувањата на граѓаните дека законот не важи еднакво за сите, се наша најголема мотивација за да се сменат пректиките. Сметаме дека неколкуте клучни чекори и мерки кои ги предвидовме во Програмата на Владата и насоките кои ги добиваме од премиерот во мандатните писма се пат кој може да го отвори овој процес, рече Маричиќ во Тема на денот на ТВ Сител.
Нагласи дека тоа подразбира отворање на прашањето на прочистување и утврдување на потекло на имот на судиите преку Државната комисија за спречување на корупцијата, процес кој делумно е започнат, анализа на некои случаи во кои има еклатантни грешки и намерно задоцнување или, пак, од небрежност и потоа нивно застарување, но и проверка на случаите каде има непрофесионален однос или очигледно влијание.
-Нашата цел не е да го замениме судството или да ги споиме извршната и судската власт, но сметаме дека е должност на Владата во име на граѓаните да бара поотчетно, поодговорно и поефикасно судство, рече Маричиќ.
Според него, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) како институција го отвори процесот на отчетност и одговорност на правосудството иако тоа што се случи таму, потенцира, ги поткопа очекувањата на граѓаните и затоа сега, како што рече, и Обвинителството и Судството се должни да ја вратат довербата кај граѓаните.
-Немаме право и не можеме веќе да преговараме дали ќе се почитува законот или не. Клучната борба во овој период ќе биде борба за владеење на правото и Владата во тоа ќе биде бескомпромисна, посочи Маричиќ.