Правната држава победи, помилувањата немаат законска основа, истакна вицепремиерот за евроинтеграции и поранешен министер за правда Бојан Маричиќ, откако Европскиот суд за човекови права одлучи во полза на државата, според која жалбите на апликантите за помилувањата се недозволени.
„Со одлуката, Судот смета дека жалбите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови и дека нема прекршување на човековите права. Постапките продолжуваат пред домашните судови, бидејќи е нелегитимно да се прескокнуваат македонските судови. Можеби Европскиот суд е искористен во овој случај како алатка за одолговлекување на постапките, но сепак владеење на правото е неприкосновен принцип“, напиша Маричиќ.
Според него, исклучително важно е да има спроведена правда која граѓаните ја очекуваат, а која ќе се нотира позитивно во извештаите на Европската Комисија во делот почитување на владеење на правото во Северна Македонија.
Денеска европскиот суд објави решение според кое жалбите на апликантите биле преуранети, односно за секој предмет требало најпрвин да се почекаат одлуките на Апелација и Врховниот суд. Со тоа, аболицијата на екс претседателот Ѓорге Иванов не успеа да ги спаси екс функционерите од ВМРО-ДПМНЕ, опфатени со предметите н СЈО.