Во изминатите 16 месеци започнавме многу важни процеси коишто сигурен сум дека еднакво успешно и подобро ќе ги продолжи наредниот министер, професорот Никола Тупанчевски, изјави на денешната прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ, одговарајќи на новинарско прашање до каде се реформите во правосудството.
Маричиќ смета дека се започнати многу процеси и на многу полиња е раздвижено и во Министерството за правда и во областа правосудство и владеењето на право.
– Мислам дека меѓународните извештаи го верификуваат тоа, имаме позитивна оценка со напредок во Извештајот на ЕК, позитивна оценка и во извештајот на американската Влада. За мене, секако, има уште многу, но не може цела перцепција и не може се да се смени за 16 месеци, но мислам дека е добра основа за наредниот министер да направи уште повеќе и да го валоризира сите оние напори коишто ги правевме за 16 месеци, изјави Маричиќ.
За направеното во секторот, Маричиќ посочи дека, после 20 години државата спроведе попис, првпат се усвоени методологиите за оценување и на судиите и на обвинителите и тие се применуваат во избор и разрешување на судиите и обвинителите, како и дека врз основа на оваа методологија и на донесените претходни закони имавме голема активност на Судскиот совет.
– Имаме повеќе разрешувања на судии – 16, коишто покажуваат зголемена активност и зголемен број на постапки за испитување на дисциплинска одговорност, изјави Маричиќ, додавајќи дека разрешувањето не е единствен инструмент.
Маричиќ, исто така, посочи дека се поднесени и голем број законски проекти коишто се однесуваат и на измена на Кривичниот законик за зајакнување на заштитата на новинарите и имплементација на Истанбулската конвенција, а и Законот за парнична постапка, исто така, е во законска процедура.
– Имаме добро исполнување на стратегијата за реформи во правосудството кое што треба до крајот на оваа година да заврши, наредната да биде подготвена и да започне да се спроведува. Започнат е процесот на дигитализација на судовите. Првата опрема е пристигната, ќе има процес на опремување на сите судници преку 130 судници низ цела држава. И Законот за медијација е дел од тоа, намалување на судските такси, измена на Законот за бесплатна правна помош и негово подобрување – една серија мерки за подобрување на пристапот кон правдата од страна на граѓаните, изјави Маричиќ.
Има многу работи, рече Маричиќ, коишто можело да бидат направени, меѓутоа во 16 месеци, според него, е направено многу, како и дека ако има нешто што пропуштено, тоа ќе остане за до крајот на мандатот го доврши наредниот министер.