Маричиќ: Не бегаме од проблемите со човековите права и владеењето на правото

by Fokus

Секогаш кога како земја добиваме меѓународен извештај поврзан со човековите права, владеењето на правото, корупцијата или било која област, го гледаме како водич за тоа како да се подобриме и што да направиме повеќе од она што го правиме, вели министерот за правда Бојан Маричиќ во интервју за МИА, дадено за време на неговата посета на Стразбур.

-Така што сите овие извештаи се добредојдени, бидејќи ни помагаат како да ја подобриме и легислативата и законодавството и институционалната пракса. Ние не бегаме од проблемите, не ги замолчуваме или замижуваме, напротив сакаме да ги решиме. Затоа со внимание пристапуваме кон секој ваков извештај и како Влада веднаш подготвуваме акциски план за нивно решавање, додава министерот за првада, вели Маричиќ.

Тој нагласува дека земјава добива позитивни извештаи од Европската комисија за постигувањата во делот на европските вредности, како што се демократија, владеење на право и човекови права, корпус на обврски што произлегуваат од членството во Советот на Европа и се неизбежни во нашата европска интеграција.

-Имаме навистина видлив напредок и во делот на слободата на изразување, во делот на заштита на етничките групи и во делот на заштитата на другите слободи како што е слобода на организирање, како и на заштита на човековите права… последните неколку години имаме многу голем напредок и во делот на борбата против дискриминацијата и во заштита на поединечни категории, како што се права на децата, зајакнување на позицијата на новинарите за да се придонесе за зајакнување на слободата на изразување. Сите тие чекори се добро валоризирани и добро познати тука, ние ги претставивме и сигурен сум дека ќе влезат во европските извештаи, кога тие ќе бидат објавени на есен, вели Маричиќ.

Министерот Маричиќ престојуваше во неколкудневна работна посета на Стразбур, каде одржа повеќе средби, меѓу кои и со претседателот на Европскиот суд за човекови правда Роберт Спано, генерална секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ и со претставници на Венецијанската комисија. Маричиќ во Стразбур потпиша повеќе документи и договори.

Тој во интервјуто нагласува и дека на средбата со претседателот на Европскиот суд, Спано не разговарале за ниту еден конкретен случај против земјава пред Трибуналот, па ни околу амнестијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов.

-Ние веќе објавивме дека во средината на јуни, нашиот владин агент ја претстави одбраната и испрати одбраната до Судот и сега тој документ со нашата одбрана е на разгледување кај апликантите, односно спротивната страна и сега се очекува одговор од апликантите, после што ние како влада ќе добиеме шанса да одговориме на нивните наводи и потоа Судот ќе треба да одлучува во текот на наредната година, додава Маричиќ.

Поврзани новости