Првиот заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денес организираше состанок каде што се дискутираше за роаминг тарифите помеѓу земјите од Западен Балкан и со Европската Унија, како придобивка од Берлинскиот процес, како и бесплатна безжична интернет мрежа на јавни простори во Западен Балкан, како иницијатива на Европската Комисија во рамки на Планот за раст за Западен Балкан.
На состанокот присуствуваа раководните лица на Министерството за информатичко општество и администрација, Македонски телеком, А1 Македонија, Агенција за електронски комуникации, Јавно претпријатие Национална радиодифузија и Националната канцеларија за бродбенд компетентност.
По средбата Вицепремиерот Маричиќ во изјавата рече дека најважната порака од средбата со претставниците на телеком операторите во државата е дека паѓаат трошоците за граѓаните за телекомуникациските услуги и дека нашите граѓани и граѓаните од регионот сега се повеќе поврзани со ЕУ.
Најважната порака од средбата со претставниците на телеком операторите во нашата земја е дека паѓаат трошоците за граѓаните за телекомуникациските услуги и дека нашите граѓани и граѓаните од регионот сега се повеќе поврзани со ЕУ.
Во продолжение проследете ја интегралната изјава по средбата;
„Најважната порака од средбата со претставниците на телеком операторите во нашата земја е дека паѓаат трошоците за граѓаните за телекомуникациските услуги и дека нашите граѓани и граѓаните од регионот сега се повеќе поврзани со ЕУ.
Овие придобивки, за кои секако свој придонес дадоа е телекомуникациските оператори, е резултат на Берлинскиот процес и на мерките што произлегуваат од Планот за раст на Западен Балкан.
Со Декларацијата потпишана на Самитот на ЕУ – Западен Балкан во Тирана во декември 2022 година, започна процесот на намалување на цените на роамингот во регионот и кон Европа.
Имплементацијата на Декларацијата за роаминг дава ветувачка слика. Операторите од Западен Балкан не само што ја исполнија ценовната граница за 2023 година, туку ги надминаа очекувањата. Сега тие нудат пакети под прагот на цените од планираното за 2026 година, што сигнализира значителен напредок.
Уште повеќе, во Северна Македонија се отворија можности за дополнително усогласување на цените согласно со локалните стандарди за поголема достапност и пристапност за потрошувачите
Со поттикнување на континуиран дијалог и соработка, можеме колективно да се справиме со сите нови предизвици и да ги искористиме можностите за понатамошно подобрување и испорачување резултати на граѓаните.
Како резултат на Планот за раст и на новата Методологија за пристапни преговори, на последниот самит на ЕУ со лидерите од Западен Балкан, една од придобивките е Ви-Фи зони за Западен Балкан, односно формирање на безжична интернет мрежа на јавни простори за Западен Балкан.
Преведено во поконкретни придобивки, безжична интернет мрежа на јавни простори за Западен Балкан значи зголемување на распоредувањето на пристапот до интернет во јавните згради и урбаните јавни простори и во руралните области во регионот.
Тоа е мерка за поттик на локалните заедници во регионот да ја доближат поврзаноста до граѓаните, овозможувајќи им придобивки од бескрајните можности на дигитализацијата, како конкретен чекор кон Заедничкиот дигитален пазар.
За реализација на оваа мерка Владата веќе ја усвои препораката за имплементација на јавни Ви-Фи точки во консултација со ЗЕЛС и локалните самоуправи.
Тоа се чекори кои не трпат одложување на нашиот пат кон ЕУ, од кој, како што гледате, нема откажување, туку само одржување на континуитетот.“