Разговараме со сите групи и со сите пратеници и убеден сум дека не сме толку далеку од 80 пратеници, изјави на новинарско прашање за уставните измени заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
– Мислам дека сега во оваа фаза сите истакнуваат широк круг на идеи околу уставите измени и тоа е добро, но ќе дојдеме во една фаза кога ќе мора агендата да ја насочиме на она што навистина ни е потребно за деблокирање. И г. Трајанов ќе има прилика тогаш да каже под кои услови и дали би ги поддржал уставните измени, но мислам дека освен него никој друг нема изнесено резерва во однос на поддршката кога зборуваме за владиното мнозинство. Понатаму ќе видиме, разговараме со сите групи и со сите пратеници и убеден сум дека не сме толку далеку од 80, рече Маричиќ запрашан колкава е бројката на пратеници од парламентарното мнозинство што би ги поддржала уставните измени.