Министерот за правда Бојан Маричиќ на вечерашното интервју на телевизија „Сител“ оцени дека пописот се спроведува успешно, без речиси никакви проблеми и досега се попишани околу 900.000 граѓани или околу 100.000 дневно.
– Во текот на викендот ќе достигнеме до милион попишани граѓани од теренското попишување. Дополнително, има сериозна бројка и од онлајн попишувањето. Пописот одлично тече на терен и надминати се сите техничи недостатоци кои ги имаше на почетокот. Во соработка со МВР и „Телеком“ одбиени се успешно сите хакерски напади, кои доаѓаат со ИП адреси од странство, изјави министерот, додавајќи дека не може да открие детали, но оти МВР, „Телеком“ и Државниот завод за статистика направиле успешна одбрана на системот за попишување.
Според министерот, како одминува времето, граѓаните стекнале доверба во процесот, кој се изведува брзо и безбедно. Маричиќ ги отфрли информациите на партијата Левица дека пописот масовно се бојкотира во руралните средини. Тој рече дека е добро што и од таа партија има меѓу попишувачите, иако тие тоа го нарекоа инфилтрирање.
– Јас мислам дека тоа е добронамерно учество во системот и тие ја сфатија реалноста дека ова е натпартиска операција и дека е техничко-статистичка операција, којашто е важна за во следните десет години и за политиките на Владата, општините и на сите институции, рече Маричиќ.