Вицепремиерот Бојан Маричиќ на прес-конференцијата со министрите за ЕУ на Сојузна Република Германија и Република Полска и државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција, изјави дека за Северна Македонија, како земја која ги исполни условите за почеток на преговорите и го започна процесот, ова е добар момент да потврди со својот пример дека може да биде успешна приказна и за ЕУ и за целиот регион.
„ Токму затоа не се откажуваме од воспоставувањето на дијалог за најважниот процес и политички консензус за ЕУ. Очекувам на сите политички партии и сите пратеници сега да ни биди приоритет да го продолжиме успехот од пред една година и да го интензивираме преговарачкиот процес. Со стратешка и офанзивна политика да ги направиме уставните измени и да го надминеме периодот без никаква штета, да не враќаме во чекалната на ЕУ и во изолираното минато – тоа сме го поминале и не го сакаме за нашите граѓани и за нашите деца“, рече Маричиќ.
Вицепремиерот укажа дека ако навистина „сакаме да стигнеме до нашето заслужено место во ЕУ, а тоа да биде со следниот пакет на проширување, треба да се погрижиме да ги завршиме навремено обврските и да имаме план со догледно време за членство во ЕУ“.
Германската министерка за ЕУ и клима, Ана Лирман укажа дека „сега е моментот кога треба да се преземе политичка одговорност и да се дејствува, да се каже „да“ на подобра иднина, на иднината во ЕУ“. Таа потенцираше дека успехот на европските земји кои се приклучија во ЕУ пред 20 години, како Полска, е импресивен, велејќи дека сакаат таквиот успех да биде и нашиот успех и дека навистина вреди.
„ Сакаме да ве поттикнеме да се приклучите кон европското семејство и да ги покажете вашата заложба и посветеност кон перспективата во ЕУ и ќе ве поддржиме на патот кон ЕУ секогаш кога можеме“, рече Лирман.
Лоранс Бун, државната секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција, рече дека нема да има нови барања од Бугарија, ниту од која било друга земја и дека автоматски Северна Македонија продолжува на патеката на пристапување.
Според работната програма на министрите од „Вајмарската тројка“, утре ќе остварат средба со претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери и ќе се сретнат со координаторите на пратеничките групи.