Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска на панел дискусијата: Жени во органи на управување – зајакнати органи на управување, зајакнат деловен сектор, зајакнато општество ја истакна важноста за поттикнување поголема родова инклузивност во сите аспекти на општеството, особено во управувањето и политиката, нагласувајќи го императивот за зголемено учество на жените.
„Битката за родова еднаквост не е само женска борба; тоа е колективен потфат кој бара активно вклучување и поддршка на мажите. Долгорочниот успех зависи од нашите заеднички напори. Традиционалните бариери мора да се отстранат за да се отвори патот за значајно ангажирање на жените во процесите на донесување одлуки. Студиите постојано покажуваат дека квалитетот на одлуките значително се подобрува кога се вклучени жените. Како политички субјект, ние сме длабоко посветени на унапредување на вклучувањето на жените во политиката. Нашата агенда дава приоритет на стратегиите за раст, родово одговорно буџетирање, вклучување на пазарот на трудот и паритет на платите“ рече Маричиќ.
Тој потенцираше дека „учеството и инклузивноста на жените во економските одлуки даваат поквалитетни резултати, нагласувајќи ја важноста од нивното присуство на секое ниво. За општество кое напредува земајќи ги во предвид различностите и еднаквоста, зајакнувањето на жените во управувањето не е само опција – тоа е императив што сите мора да го прифатиме“.