Маричиќ: Академијата е извор на стручни судии и обвинители

by fokus

На свечениот настан што се одржа по повод 15-годишнината од основањето на Академијата за судии и јавни обвинители, министерот за правда Бојан Маричиќ во своето обраќање даде краток осврт на важноста и значењето на Академијата, како и на заложбите што Министерството за правда и Владата ги прават за нејзин развој и усовршување преку реформата во правосудниот систем.

-Тука Академијата ја игра најважната улога. Таа е „храм на образованието во правосудниот систем“, изворот на квалитетни и стручни судии и јавни обвинители и единствена гаранција дека во правосудството ќе влезат најдобрите кадри. Но, може да се каже и дека е појдовна точка за целокупниот правосуден систем со значајна улога на чувар на достоинството и кредибилитетот на судиите и јавните обвинители– рече Маричиќ во своето обраќање.

Тој потенцираше дека измените и дополнувањата на Законот за Академија на судиите и јавните обвинители се во насока на исполнување на заложбата и ангажманот на Владата и Министерството за правда во процесот на креирање на независен, непристрасен и ефикасен правосуден систем кој одговара на европските стандарди.

-Академијата и понатаму останува единствена точка за влез во судството и јавното обвинителството, каде судиите и јавните обвинители во континуитет добиваат стручно усовршување на теоретските и практичните знаења според однапред подготвени програми, дизајнирани според потребите на целните групи. Ова е формулата која носи квалитет во правосудниот систем и продуцира кадри на судии и обвинители кои покрај домашното законодавство, ја знаат и применуваат Европската Конвенција за човекови права и слободи, законодавството на ЕУ и други меѓународни стандарди – додаде Маричиќ.

На крајот министерот за правда испрати честитка за досегашната работа на Академијата и посака да продолжи посветено работи и понатаму заради квалитетот на идните генерации на судии и јавни обвинители, заради заштита на професијата, заради граѓаните, но и заради напредокот на државата која одлучно работи на европската агенда.

Поврзани новости