-Згрижени сме за продолженото траење и продлабочување на кризната состојба во Македонија, што се заканува да ги оживее сеништата на историските делби од минатото и да ги загрози темелните вредности и интереси на македонското општество, пишува во соопштението на Македонската академија на науките и уметностите од денешната седница на нејзиното претседателство.
Во соопштението се вели дека надминувањето на кризата е должност и одговорност на политичките и другите фактори кои своите ставови и определби треба да ги артикулираат низ дијалог и во соработка со соодветните европски и меѓународни институции.
Ставот на МАНУ е дека на Македонија најмногу ќе и се помогне ако Европската комисија и другите европски институции ги забрзаат процесите на нејзините евроатлански интеграции со што поскоро отворање преговори за членство во ЕУ и прием во НАТО.