Поранешниот министер за правда од владата на Никола Груевски, Михајло Маневски преку Фејсбук статус жестоко го искритикува актуелниот министер за правда, Бојан Маричиќ за објавување на имињата на судиите кои се изјасниле позитивно за укинување на притворот на Сашо Мијалков.
-ЌЕ ОДГОВАРА ЛИ МИНИСТЕРОТ МАРИЧИЌ ЗА ОДДАВАЊЕ НА ТАЈНА И ЗА НЕЗАКОНИТО ВЛИЈАНИЕ НА СУДОТ?Министерот Бојан Маричиќ јавно и грубо се меша во работата на судот. Спротивно на Законот за кривичната постапка ги објави имињата на судиите Ѓоко Ристов и Енвер Беџети, кои како членови на Советот на Апелациониот суд Скопје гласале да се прифати гаранцијата на осудениот Сашо Мијалков и да се пушти од притвор. Согласно член 124 од Законот за кривичната постапка, гласањето на судиите во судечкиот совет се врши тајно. Резултатите од гласањето се тајни. Согласно член 96 од ЗКП, за советувањето и глсањето се составува посебен записник. Овој записник се става во затворен плик и може да го отвори само повисокиот суд.
Како дозна Маричиќ дека овие судии гласале за одлуката и поименично ги наведе, иако одлуката уште не била напишана? Oдлуката на повисокиот суд се доставува до судот што ја донел одлуката и тој ја објавува, пишува Маневски.
Тој прашува како може овој министер за правда „толку грубо да се меша и да се заканува на судот за донесена одлука“.
-Министерот Маричиќ треба да биде земен на кривична одговорност за незаконито влијание во работата на судот и за оддавање на тајноста на гласањето на Советот што одлучувал по предметното барање? И овој ли ќе биде потпретседател на Владата за евроинтеграции? Жалосно.Овој ли ќе се бори за владеење на правото? Од вакви слепци страда Македонија, жесток е Маневски.