За само осум месеци од доаѓањето на власт на СДСМ и коалицијата со ДУИ, Македонија падна во однос на индексот на корупцијата од 66-то место на 90-то место. Тоа е влошување за цели 24 места, со што Република Македонија се става во друштво со некои африкански држави.
[Извор: прес – конференција на ВМРО-ДПМНЕ, Михајло Маневски, датум: 22.01.2018]
Оваа изјава на актуелниот советник во Град Скопје и поранешен министер за правда од ВМРО-ДПМНЕ, Михајло Маневски, а дадена на денешната прес конференци на партијата, е комплетна невистина. И тоа станува збор за невистинити податоци кои се откриваат како такви за само 30 секунди. Едноставно, кога ќе отидете на веб сајтот на „Транспаренси Интернешнл“, невладина организација која ја мери прецепцијата за постоење на корупција во 176 земји на светот, веднаш се гледа дека последното рангирање е објавено на 25 јануари 2017 година и се однесува на 2016 година, односно кога на власт во Република Македонија беше влада составена од министри на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Сетоа ова јасно се гледа и од долниот принтскрин (отворете на нова страна со десен клик за поголем формат):
Поново истражување од ова „Транспаренси Интернешнл“ сѐ уште нема објавено. Дека Маневски говори токму за ова истражување, иако не го спомнува, а не за некое друго, покажува и фактот што токму на ова истражување Македонија е пласирана на 90 место, додека на претходното, од истата организација, кое се однесува на 2015 година, Македонија беше пласирана на 66 место. Значи, станува збор за токму онакви рангирања за какви што говори Маневски, само што ги има смешано годините. Нема ниедно друго меѓународно истражување за перцепцијата за корупцијата во кое Македонија била на 66 место и потоа паднала на 90 место. И воопшто, друго истражување за состојбите со корупцијата на глобално ниво, освен ова на „Транспаренси Интернешнл“ едвај и да постои.
Со оглед на тоа што падот во рангот на план на корупцијата се однесува на 2016 година, споредено со 2015, кога на власт во земјава беше ВМРО-ДПМНЕ, не може никако да стане збор дека Македонија паднала за 24 места „за само осум месеци од доаѓањето на власт на СДСМ и коалицијата со ДУИ.“
Настрана сето ова, зачудува и фактот како е можно и зошто висок претставник на ВМРО-ДПМНЕ воопшто цитира и со тоа ги смета за релевантни истражувањата на организација која, меѓу останатите донатори, е помогната и спонзорирана и од Фондациите отворено општество (ФОО), чиј главен спонзор, пак, е Џорџ Сорос, а против кои оваа партија фрлаше дрвја и камења, против кои водеше сеопшта јавна медиумска кампања во земјава, водеше голема лоби кампања во САД вредна над 1 милион долари, па дури и истраги против 21 невладина организација во Македонија, кои имаа добиено донации од Фондацијата отворено општество (целосна отвореност: меѓу кои и „Фондацијата Метаморфозис“, издавач на порталот „Вистиномер“). А, сега, само 6-7 месеци после таквата кампања, одеднаш се цитираат наоди од истражувања на организација спонзорирана од ФОО, кога таквите организации од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа сметани за непријателски, необјективни и што уште не. Од кога овие организации и нивните истражувања станаа релевантни за ВМРО-ДПМНЕ? И од кога е принципиелно и етички да се цитираат наоди и истражувања на истите оние кои сте ги плукале само до пред неколку месеци?
ИЗВОРИ:
- Истражување за перцепцијата на корупција на „Трансперенси Интернешнл“ за 2016 година, објавено на 25 јануари 2017 [проверено на 22.01.2018]
- Истражување за перцепцијата на корупција на „Трансперенси Интернешнл“ за 2015 година, објавено пред 1 февруари 2016 [проверено на 22.01.2018]
Оцени: Владимир Петрески
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.