Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во рамките на настанот „Жените во дигитализацијата“, најави дека повеќе нема да прифаќа да биде дел од ниту една конференција, дебата или панел дискусија каде нема да има најмалку една жена-говорник.
-Ќе бидам искрен и ќе кажам дека се радувам и се гордеам што Меѓународниот ден на жената 8-ми март, конечно и во Македонија почна да се одбележува преку борбата за политичка, економска и социјална рамноправност помеѓу жените и мажите. Особено во сферата на информатичкото општество. Тоа што ние како поединци, како личности избрани од граѓаните, мораме да го направиме е секојдневно да дејствуваме против родовите стереотипи и да се трудиме да ги овозможиме сите потребни услови за еднакви можности за граѓаните – рече Манчевски.
Тој додаде дека како СДСМ се избориле за 40 отсто застапеност на жените во Собранието.
-Во програмата ветивме дека до 2020 година ќе воведеме паритет, односно најмалку 50 отсто застапеност на жените во политиката. Се залагам за подобра застапеност на жените на високи позиции. Потврда тоа е и мојот кабинет, каде сите шест советнички се жени. Не заради тоа што се жени. Туку заради тоа што се врвни инжењерки, економистки, правнички, лингвистки, најдобри во она што го работат – истакнува министерот за информатичко општество.