Манчевски: Сумата од 683.000 денари е трошена на странски делегации

by Fokus

За сумата од 683.000 денари за која Заводот за ревизија нема објаснување каде ги потрошило министерството за информатичко општетство и администрација согласно ревизорскиот извештај за минатата година, министерот Дамјан Манчевски посочи дека проблемот е во книжењето, а не во сумата.

-Сметководството на МИОА, е во надлежност на СОЗР (Служба за општи и заеднички работи) и од нив зависи начинот на којшто се води евиденција на трошоците направени со електронските картички на министерот, заменик министерот и државниот секретар. Од страна на МИОА, веќе е испратен официјален допис со барање до одговорните за водење на сметководството во СОЗР, задолжително да водат аналитичка евиденција за сите 3 кредитни картички кои ги користи министерството. Дописот е доставен и до ревизорските тимови од двете последни ревизии. Проблемот е во тоа што сите трошоци се ставени под иста ставка, а на нашата страна можете да ги најдетете точните суми на потрошените средства, рече Манчевски.

Тој како и претходно вината ја префрли на Службата за општи и заеднички работи на Владата оти тие биле задолжени за оваа работа. Но, објасни дека со картичката се плаќало исклучиво при службени патувања и при посета на странска делегација, кога домаќин е министерството.

Според Алатката за отченост на носителите на јавни функции министерот Манчевски само во првите пет месеци од минатата година за карти за авион, ручеци, превоз, телефонски сметки и слично потрошил 409.666 денари, а за останатите месеци податоци нема.

Ревизијата утврди дека во текот на 2018 година преку картичка е реализиран промет во износ од 683 илјади денари, а за начинот на евидентирање на прометот не е постапено по препораката на Овластен државен ревизор. Ваквата состојба не е во согласност со одредбите од Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници и Правилникот и влијае на реалното и објективно прикажување на позициите во финансиските извештаи, а и на квалитетот на информациите што истите ги даваат, се наведува во Конечниот извештај за извршена ревизија на усогласеност за 2018 година на Министерството за информатичко општество и администрација.

С.Т

Поврзани новости