Заев и обвинетиот за „27 април“ си подадоа рака

by fokus 13:36
13:36

Премиерот Зоран Заев денеска во судница се соочи со обвинетиот Илија Петрушевски кој се товари за кривично дело насилство што се случило на 27 април 2017. Обвинетиот Петрушевски не чувствува вина за кривичното дело за кое се товари и тврди дека воопшто не го удрил и не го допрел Заев кобната вечер туку бил само присутен.

Заев рече дека тој не се сеќава на ликот на обвинетиот.

- Advertising -

-Две и пол години се поминати не можам да се сетам на ликот кој е овде дека бил во прес салата, рече Заев.

Обвинетиот му се извини на премиерот и двајцата се ракуваа пред судот.

-Им се извинувам и на премиерот и на сите пратеници кои беа загрозени. Најискрено не придонесов на никаков начин ни со удари ни со ништо, само учествував, рече обвинетиот.

Тој како граѓанин му се заблагодари на премиерот за искреното сведочење и побара од него да има предвид дека е татко на две малолетни деца и дека таа вечер бил изманипулиран.

Заев не побара отштета и како премиер му порача на судот да ги земе сите околности во предвид и да донесе правична одлука за она што се случило.

-Секако не ми е сеедно како сограѓанин, но сепак очекувам правичен систем кој нема да дозволи да се повтори она што ние го преживеавме, рече Заев.

Тој уште еднаш се потсети на 27 април кога толпа граѓани влегоа внатре и ги нападнаа пратениците од мнозинствот и новинарите откако беше избран нов собраниски спикер.

-Се слушаше убиј го Заев, убијте ги пратениците скини им ја главата, раскажуваше Заев.
Сепак револтот на обвинетиот и неговиот адвокат што им го пренесоа на премиерот произлегува од амнестијата на дел од учесниците во крвавиот четврток.
Петрушевски иако е обвинет, вработен е во затворот Идризово. Ова не му е прва кривична санкција, тој претходно бил осудуван и за тешка телесна повреда што ја направил при семејна кавга.
Додека Заев сведочеше во судот беа присутни поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и пратеникот Трајко Вељаноски кои се обвинети за организација на крвавиот четврток. Тие прават увид во доказите и обвинението против нив кое со месеци не е оценето.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости