Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска изјави дека нема конкретни информации за вработувањето на ќерката на претседателот на Собранието Талат Џафери и синот на Мирослав Грчев во државната компанија ЕЛЕМ, но нагласи дека доколку било што не е согласно Законот веднаш ќе се реагира.
Одговарајќи на новинарско прашање дали има непотизам при овие вработувања, Манчевски рече дека како и сите други постапки за вработување и овие треба да се согласно процедурите и законските одредби.
– Една е постапката доколку се работи за вработување на неопределено време, а друга е постапката за времени вработувања. Ќе ги видиме кои се конкретните постапки што ги спровеле и доколку било што не е согласно закон веднаш ќе се реагира. Имаме институции за тоа, рече Манчевски, одговарајќи на прашање на завршната прес-конференција на Дигиталниот самит за Западен Бакан во Скопје.