Кога дојдов во МИОА затекнав започнати, а незавршени ИТ проекти финансирани од различни фондови. Искрено, очекував дека ќе има проблеми, но не очекував дека ќе бидат од толкави размери, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на денешната презентација на отчетот од 100 дена во Владата.
Како што рече Манчевски, во Министерството затекнал опрема која е набавена и не се користи, софтвер кој е платен, а не функционира.
-Наидовме на паралелни системи за Интероперабилност во државата. Се соочивме со опрема која е стара, не се обновувала и модернизирала, а за која се плаќаат огромни суми на пари за одржување. Периодот на владеење на ДПМНЕ во областа на информатичкото општество се карактеризира со спроведување на скапи, необмислени проекти, без претходно направена анализа за користење, поддршка и потреба, а скапо платени со огромни суми пари од граѓаните – изјави министерот.
Тој додаде дека како министер си презел задача да ги оствари интересите на граѓаните.
-Она што се трудев да го направам овие 100 дена е да го „изгаснам пожарот“ во проектите кои беа започнати и чии рокови намерно или ненамерно одамна беа одминати. Овие три месеци, успеавме да ги вратиме во колосек проектите кои беа започнати, но беа со сериозни проблеми и изминати рокови за нивна реализација – даде Манечевски.