Од криминал во криминал, од афера во афера, тие го упропастија земјоделството во Македонија. Но, дојде крајот на криминалните шеми на Никола Груевски и фамилијата, секој што го прекршил законот ќе одговара истакна потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски кој заедно со членот на Извршниот одбор, Благој Бочварски, вчера беа помеѓу граѓаните од населените места во пехчевско Црник, Умлена и Робово.
– Над 600.000 граѓани ја напуштија земјата поради невработеноста и нискиот животен стандард, 180 илјади граѓани живеат со помалку од 40 денари на ден а Груевски и фамилијата потрошија над 630 милиони евра само за споменици. Мора да ги промениме работите. Новата Влада на СДСМ ќе ги промени приоритетите, парите ќе ги вратиме кај граѓаните – рече Манчевски.
Тој додаде дека Владата на СДСМ ќе исплаќа субвенции на вистинските земјоделци во време кога им се најпотребни, ќе има рамноправност на големите и малите земјоделци во постапката на доделување субвенции, ослободување на земјоделците од персоналниот данок за приходи над 300.000 денари, полесно пензионирање и бенефициран стаж за земјоделците.
На средбите со граѓаните Манчевски разговараше и за актуелната политичка ситуација во земјава.
– Без прочистен избирачки список и без слободни медиуми нема фер и демократски избори. Никола Груевски бега од фер и демократски избори бидејќи знае дека на тие избори ќе изгуби – додаде Манчевски.