Манчевски: Ако престане вонредната состојба без датум за избори ќе настане хаос

by Фокус

Работиме во насока за обезбедување консензус за датумот, но поважно од датумот е како да се организираат изборите и да ги уверуваме граѓаните дека се безбедни на гласачките места, порача Дамјан Манчевски од СДСМ на Алсат.

-Наш став е дека изборите се неопходни сега, затоа што кога ќе се отворат границите голем дел од луѓето ќе патуваат, колку одиме подлабоко во летото ризикуваме граѓаните да не се тука. Ние можеме да се договараме за евентуален датум за избори до одреден временски период. Сакаме заеднички датум, даваме шанса за тоа, но не до бесконечност – изјави Манчевски.

Ако вонредната состојба се укине на 30 мај, истакна тој, тогаш државата ќе биде целосно нефункционална и, според него, ќе мора да има избори.

-Ако немаме датум, ако немаме вонредна состојба тогаш ќе се соочиме со хаос, кој ќе управува? Немаме парламент, а ќе имаме Влада која не може да носи уредби со законска сила. Вонредната состојба единствено значи дека ингеренциите на Собранието преминуваат кај Владата и тоа не е поврзано со полицискиот час, ниту со рестриктивните мерки – посочи Манчевски.

Поврзани новости