Во Воспитно -поправниот дом Тетово, каде што казна затвор издржуваат малолетници, нема вработено лекар. Ова го констатирал народниот правобранител Иџет Мемети, кога минатата година извршил посета.
-Во установата нема вработено медицинско лице, односно здравствен работник, медицинска сестра или стоматолог, ниту, пак Амбулантата, која е мала со две шкафчиња, работна маса, еден амбулантски кревет, мала масичка и две столчиња, располага со основни медицински апарати. Шкафот во кој се чуваат лекарствата е заклучен и до него има пристап вработено лице од Секторот за обезбедување кое е одговорно за давање на терапија за децата пропишана од страна на лекар, вели народниот правобранител Мемети.
Народниот правобранител при увидот утврдил дека здравствената заштита на децата се обезбедува преку Здравствениот дом Охрид, од каде еднаш во неделата доаѓа лекар кој врши преглед на сите деца, а по потреба доаѓа и на повик. За евентуална итна интервенција се бара Брза Помош.
Во текот на разговорот, Мемети, добил информации дека лекарскиот тим задолжен за примарната здравствена заштита на децата не е постојан, односно се менува во зависност од тоа кој лекар е на смена. Исто така, не е фиксно определен денот за прегледи туку истиот се договара со лекарот во зависност од бројот на децата и неговиот ангажман.
-Оттука, се уште целосно и квалитетно не се споведен процесот на преземање на здравствената заштита од страна на здравствените установи, согласно Законот за измени и дополнување на Законот за извршување на санкциите, што во случајот негативно се одразува на децата сместени во оваа установа, меѓу другото и поради тоа што ниту едно од децата не е здравствено осигурано, иако согласно Законот за здравствено осигурување овие деца треба задолжително да се осигураат, вели Мемети.
Од увид во здравствените картони и дневната евиденција за извршените медицински прегледи и дадената терапија, Народниот правобранител констатирал дека од вкупниот број на сместени деца, на 15 деца (при првата посета), односно 13 деца (при втората посета) им е препишана терапија -дијазепам, со дневна доза од 0,5 мг до 20 мг.
Во најголемиот дел од досијеата на децата кои се сместени во домот е евидентирано дека станува збор за деца со „растројство на личноста, со низок праг на толеранција, нагла имплусивност и фрустрации, проследени со девијантно однесување, како и низок социјален и едукативен статус“.
Од септември 2015 година Воспитно -поправниот дом Тетово функционира во состав на Казнено-поправната установа Затвор Охрид. На денот на посетата на Народниот правобранител во затворот имало 28 деца, од кои 23 биле присутни, едно било на прекин на казната, едно на викенд отсуство и три во бегство.
Валентина Вурмо