Малолетник, штитеник на Воспитно поправниот дом Велес, ќе одговара за Убиство во обид, бидејќи се обидел да го убие домскиот лекар со нож, информираше Обвинителството.
„На 25 јануари малолетникот побарал да биде однесен на лекарски преглед кај домскиот лекар заради главоболка. Во лекарската соба тој најпрвин со дрзок и висок тон се обратил кон лекарот, потоа ја турнал масата меѓу нив и се обидел да го удри, во што го спречиле двајца надзорници. Подоцна, од трпезаријата 16-годишникот зел два ножа и повторно влегол во лекарската соба со вербални закани кон лекарот дека ќе го убие, а притоа повторно го спречиле присутните надзорници“, се наведува во соопштението на Обвинителството, од каде додаваат дека поднеле предлог за определување на притвор за малолетникот.
Оттаму информираат дека штитеникот, во текот на издржувањето на воспитната мерка, се јавува како сторител на повеќе кривични дела, меѓу кои и кривичното дело Силување спрема друго дете – штитеник на домот.
„За непријавување на ова дело Обвинителството поведе постапка и против заповедникот на Воспитно-поправниот дом“, велат од Обвинителството.