Ова е можеби и најлошиот момент да се покрене прашање за името, вели професор Денко Малески во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
-Ние би сакале да веруваме дека ова е правиот момент, но ништо не укажува на фактот дека тоа е така, затоа што можеби имаше момент во политичката историја на Македонија на почетокот, кога демократијата не беше уште консолидирана, кога некои луѓе како претседателот можеа да преземат врз себе некои побитни одлуки околу ова прашање, меѓутоа сега веќе живееме во некој плурален процес на разни политички партии коишто имаат свои различни видувања и коишто знаат да ги злоупотребуваат тие емотивни теми при изборите, ова е можеби и најлошиот момент да се покрене тоа прашање -тврди Малески.
Според него, преминот од автократска власт кон демократија, кадешто ќе се почитуваат ставовите на различните партии, кои претставуваат различни сегменти на македонското општество по сите прашања, па и по прашање за името е начинот како да се дојде до некакво единство во државата за да се реши проблемот и Македонија да стане дел од евроатланските структури.