Безбедносната соработка на земјите од Западниот Балкан и Европската Унија со цел зацврстување на безбедноста и стабилноста, била темата на неформалниот состанок во Грац на министрите за одбрана на земјите од Западниот Балкан и Австрија на која учествуваше заменик-министерот за одбрана на Република Македонија, Беким Максути.
Како што соопштија од Министерсвото за одбрана, на состанокот кој е под покровителство на австрискиот министер за одбрана Марио Кунасек министрите биле информирани за заклучоците од неодамнешниот состанок на министрите за одбрана на Европската Унија во Виена.
– Македонија се соочува со истите безбедносни предизвици и закани како и останатите држави од Западниот Балкан и остатокот од Европа. Владата на Република Македонија е убедена дека стабилно и посветено добро владеење и безрезервната примена на правото може да обезбеди услови за безбеден и економски просперитетен регион, истакнал заменик-министерот на состанокот.
Максути посочил дека граѓаните на Македонија се пред клучен момент, а тоа е референдумот на 30 септември кој, според него, ќе влијае не само на безбедноста, стабилноста и просперитетот на земјата, туку и на целиот регион. Тој истакнал дека граѓаните на нашата земја покажаа дека сакаат промени и сакаат да живеат во слободно и демократско општество.
Како клучни безбедносни предизвици за Европа и Балканот, Максути ги посочи илегалната миграција, организираниот криминал, тероризмот, хибридните и сајбер-заканите. Тој истакна дека сите предизвици бараат заеднички одговор.
Средбата на министрите финиширала со заедничка Декларација во која се истакнува силната поддршка на европската перспектива на Западен Балкан како и заедничка акција во справувањето со безбедносните предизвици и соработка на планот на заштита на границите од илегална миграција кон ЕУ.