Максим Димитриевски: Штом мене вака ме монтираат, што ли им прават на останатите граѓани?!

by fokus

Пратеникот Максим Димитриевски, кој што завчера беше нападнат од неколкумина полициски службеници облечени во цивилка, додека го прославувал роденденот на својата сопруга во ресторан во Куманово, на својот Фејсбук профил обвини дека МВР ја дезинформира јавноста, и во случајот каде што тој е жртва, се обидува да го прикаже како виновник.

,,Пред неполн час излегов од полициска станица, иако очекував цел ден покана да дадам исказ по мојата уредна пријава од сношти за физички напад врз мене и моите гости, сепак тоа не се случи. Доброволно побарав да се заведе случајот повторно бидејќи како по обичај се беше забоштено. МВР излезе со дезинформација во јавноста за немилиот настан дека наводно јас сум напаѓачот, со ова Чавков потврди дека злосторниците ги претвора во жртви. Се потврдија моите сомнежи за постапката, се е монтирано и исценирано. Насилникот е припадник на МВР, видно алкохолизиран со колегите, наоружани направија хаос во ресторанот, предходно имал убава дружба во друга кафеана со началникот на СВР Куманово и со полицаецот кој што го правеше увидот и дозволи без алкотест и задржување да ги ослободи насилниците’’ – појаснува Димитриевски.

Тој додава дека штом за него може вака да се измонтира некој настан, може да замисли што им се прави на останатите граѓани.

,,Тука немам намера да застанам, како никогаш досега полн со желба за правда и слобода ќе се изборам заедно со Вас почитувани пријатели за ПРАВЕДНА МАКЕДОНИЈА. На сите Вас кои ме баравте денеска, а не стасав да ви одговорам ви се заблагодарувам од срце за поддршката, заедно ќе го срушиме корумпираниот режим. – Би ве замолил да се воздржиме од взаемни препукувања на социјалните мрежи, доволно сме веќе поделени, а на лажните спинерски медиуми нека им служи на честа што одамна ја изгубија, а некои никогаш не ја стекнаа… Се можам да им простам, но лагата дека сум реагирал на македонска песна, НИКОГАШ!’’ – тврди пратеникот.

Неговата реакција доаѓа по соопштението на ВМРО – ДПМНЕ во кое партијата обвини дека Димитриевски со тупаници нападнал дваесетитригодишно момче, бидејќи не му се допаднала песната која што била нарачана во ресторанот.

В.К.

Поврзани новости