Францускиот претседател Емануел Maкрон денеска на прес конференцијата со рускиот претседател Владимир Путин ги критикуваше руските медиуми „Спутник“ и „Раша тудеј“ дека ширеле лажна пропаганда.
-Раша тудеј и Спутник се влијателни медиуми што неколку пати објавија невистини за мене и за мојата кампања. И тоа е причината зошто тие не беа поканети во мојот штаб. Сите медиуми, вклучително и руските, имале пристап до мојата кампања. Односите се секогаш исти. Но, Раша тудеј и Спутник не се однесуваа како медиуми и новинари, туку како органи за влијание, пропаганда и лажна пропаганда, рече Макрон.
Интересно е што токму преку српското издание на руската агенција „Спутник“, македонскиот пратеник Иван Стоилковиќ најави дека ќе ги тужи македонските служби, бидејќи го прислушувале заедно со српскиот разузнавач и српскиот новинар Мирослав Лазански. Ова следуваше откако во јавноста беше објавен извештај од УБК во кој се вели дека српскиот разузнавач Живаљевиќ ги контролира и насочува активностите на пратеникот Стоилковиќ, а преку него, посредно се обидува да влијае и врз политичката ситуација во Македонија.