„Сите што мислат дека Русија ќе застане во Донбас и Крим грешат“ изјави францускиот претседател Емануел Макрон на крајот од самитот на Европската унија во Брисел откако Русија рече дека е во војна поради западната интервенција на страната на Украина.
„Користењето на овој термин, исто така, создава несигурност за воените цели на Русија“, додаде Макрон.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави денеска дека најновите тврдења на Русија за војна ја покажуваат „важноста од градењето на сопствената одбранбена индустрија на Европската унија“.
„Мораме да бидеме луцидни и мора да им кажеме на нашите граѓани низ ЕУ дека ако сакаме мир, ако сакаме безбедност и стабилност, исклучително е важно да ги подобриме нашите одбранбени способности и да изградиме вистинска европска одбранбена унија“, рече Мишел во Брисел.
Претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен рече дека коментарите покажуваат дека Кремљ го предал руското население криејќи ги фактите и негирајќи дека Русија е во војна во последните две години.
Кремљ денеска објави дека Русија сега се смета себе си во војна поради западната интервенција на страната на Украина.