Макрон: Протестите нема да ги запрат реформите

by Fokus

Протестите нема да ги запрат пензиските реформи или други промени во политиката, рече францускиот претседател Емануел Макрон пред да го претстави планот од 50 мерки за да се избегне криза со вода ова лето.

Планот допира до широк спектар мерки, вклучително и како да се користи повторно водата, да се сподели и да се избегне истекување.

Со овој план, Макрон и неговата влада сакаат да преминат на други теми освен законот за пензиите, кој веќе два месеци предизвикува жестоки протести низ целата земја, пренесува Ројтерс.

Меѓутоа, во Савин-ле-Лак на Алпите, каде што требаше да одржи говор, го пречекаа групи демонстранти лути поради законот за пензиите.

На еден постер пишуваше „Макрон да поднесе оставка! и „Земи си ја пензијата, не нашата“. Локалните медиуми јавуваат дека двајца демонстранти се уапсени.

„Протестите се нормални“, им рече Макрон на новинарите, „но тоа не значи дека треба да престанеме“.

„Ништо не го оправдува насилството во едно демократско општество“, рече тој.

Милиони Французи протестираат и штрајкуваат од средината на јануари во знак на протест против реформите.

Протестите се интензивираа откако владата употреби посебни овластувања за да ја „протурка“ реформата без гласање во парламентот.

Макрон, кој вети дека ќе го реформира пензискиот систем во двете претседателски кампањи, тврди дека промената е потребна за да се балансира државниот буџет. Синдикатите и опозицијата тврдат дека има и други начини за тоа.

Поврзани новости