Започна неформалниот самит за Западен Балкан под водство на Ангела Меркел и Емануел Макрон. И двајцата пред почетокот на состанокот се обратија кусо пред новинарите, без прашања, и ги најавија насоките на дискусиите.
И германската канцеларка и францускиот претседател потсетија дека овој состанок не е посветен на процесот на проширување, туку на регионалната соработка и поддршката за решавање на бројните билатерални спорови во регионот.
-Фокусот не е на проширувањето, туку на политика на стабилност во регионот. Треба да работиме заедно за да придонесеме за стабилноста, тоа за Франција значи стратегија за повторно ангажирање во регионот, рече францускиот претседател.
Во контекст на надминувањето на споровите, Макрон и Меркел го посочија македонско-грчкиот пример и Преспанскиот договор како доказ дека со политичка волја е можно да се надминат споровите.
-Видовме храбри чекори за спорот за името на Северна Македонија, ова е доказ дека е можно да се најде решение за долгогодишни спорови, рече Меркел и ги поздрави грчкиот и македонскиот премиер, но и Бојко Борисов.
Макрон од своја страна порача дека последните месеци покажаа дека напредок е можен дваесет години по војните во регионот.
-Го видовме тоа со Преспанскиот договор дека може да се решат спорови кои се чинеле нерешливи кога има посветеност, рече Макрон, кој исто така ги поздрави тројцата премиери.