Откако МВР поднесе кривични пријави против раководството на Макпетрол, од компанијата излегоа и со официјално соопштение во кое велат дека се изненадени од каде потребата против нивната компанија да биде поведена постапка која, како што велат, наликува на тенденциозна хајка, базирана на паушални и неосновани обвинувања.
-Компанијата работи целосно транспарентно и никогаш не прекршила некаков законски пропис, а најмалку од се би можела да оштети некој од своите акционери. Сите деловни одлуки на компанијата се донесени целосно транспарентно, со одлука на акционерите и ги имаат поминато сите внатрешни и надворешни филтри за да се процени нивната правна валидност, стои во соопштението на Макпетрол.
Од компанијата додаваат дека никако не може да стане збор за било каква злоупотреба, туку напротив тврдат дека компанијата работи целосно законски. Според Макпетрол, за ова сведочеле постојаните позитивни интерни контроли, надворешни ревизорски извештаи, а тврдат досега не добиле ниту една официјална жалба или поплака од било кој акционер, кој би се почувствувал недоволно информиран или оштетен од начинот на којшто работи друштвото.
-Ова се случува после цели 9 години откако Собранието на акционери донесе одлука за вложување во компанија која би гарантирала квалитетна и навремена дистрибуција на нафта и нафтени деривати, велат за кривичните пријави од компанијата.