Квалитетот на горивата е значен фактор за намалување на загадувањето од патниот транспорт, но, исто така, до одреден степен влијае и на потрошувачката, моќноста и работата на моторот на возилото.
На бензинските станици на нашиот пазар задолжително сите горива треба да го исполнуваат стандардот ЕУРО 5, кој важи на ниво на целата Европска Унија за квалитет на горива. За контролата на квалитетот на горивата на пазарот е задолжена Царината, која за таа намена неодамна набави и мобилна лабораторија за проверка.
Лаборатории за тестирање на квалитетот на горивата, кои ги задоволуваат сите европски стандарди, има и компанијата Макпетрол, со што дополнително се гарантира квалитетот на горивата кои се продаваат.
Неквалитетните горива, освен зголемена потрошувачка и намалена моќност, може да содржат и повеќе сулфур и цврсти честички кои по согорувањето во моторот, дополнително го загадуваат амбиенталниот воздух, особено во градските средини со погуста концентрација на сообраќај.
Користењето на гориво со ЕУРО 5 стандард е задолжително за сите возила со таа или повисока норма. Неупотребата на соодветно гориво или гориво со помал квалитет од пропишаното од производителот на подолг рок може да предизвика проблеми на издувниот систем на возилото, кој е специјално дизајниран да задржи што е можно повеќе честички и штетни гасови од согорувањето, пред да излезат од возилото.