Родителите на убиениот Ангел од Ѓорче по втор пат сведочеа за убиството на својот син

by fokus

Откако неодамна Врховниот суд од почеток го врати случајот со убиството на Ангел Петковски од Ѓорче Петров, денеска во Кривичниот суд се одржа рочиште на кое сведочеа родителите на убиениот Ангел.

За настанот пред кривичниот совет по втор пат свој исказ даде мајката на починатиот Ангел Петковски, Благица. Денот на настанот како што истакна Благица, била на работа и преку телефон малиот син ја информирал дека точакот им е украден.

-Воедно, и една пријателка ми се јави и ми кажа дека Ангел, е прободен со нож. Потоа со точак од работа тргнав накај дома, односно заминав на местото на настанот. Ми кажа дека Ангел, бил однесен во болица. Од гужвата некој зборуваше за ножот, слушав многу гласови, вриштења, рече сведокот Петковска.

Таа уште додаде дека и сега се чувствува многу лошо, и дека нејзиниот син Ангел бил примерно момче.

Таткото на починатиот Ангел, Сашо Петковски, кој бил на лице место кога обвинетиот Ештрефи, го пребодел неговиот син, истакна дека бил многу револтиран за кражбата на велосипедот и затоа двајцата тргнале по потрага на точакот.

-Заедно со Ангел со кола тргнавме да го пресретнеме кај очната болница. Нашата цел беше да го најдеме точакот. По пат баравме, но не го видовме велосипедот. Тргнавме накај мостот на реката Вардар. Со голи раце тргнавме од дома. Потоа Ангел, ми рече татко ова е лицето што го украде точакот. Тој потоа се фати на појасот, го извади ножот и го пребоде Ангел. Јас потоа со дрво го удрив. Тој побегна заедно со ножот. Потоа се упатив кон очната болница да барам прва помош, рече сведокот Сашо Петковски.

На денешното рочиште за овој предмет сведочеше и друг сведок кој на денот на немилиот настан шетал со семејството кога видел група на луѓе, односно тепачка.

Повторната постапка против обвинетиот Насер Ештрефи, ја води судијката Дијана Груевска Илиевска. Како застапник на обвинението е обвинителот Дарко Јакимовски.

Во образложението на одлуката на Врховен суд на РСМ, се вели дека во доказната постапка има недостатоци, и затоа случајот се враќа на повторно одлучување.

Следното рочиште за овој предмет е закажано на 15 декември.

Поврзани новости