Несфатливо е како пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не ги гледаат придобивките од работењето на индустријата која на дневно ниво се развива во светот и добива се поширок размер во лекувањето на тешко излечливите заболувања каде класичната медицина не покажува големи резултати, истакна денеска членот на Управниот одбор на „Макканабис“, Јане Севдински, во врска со Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстаниции.
Тој нагласи дека како Здружение ги отфрлаат тврдењата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ дека законот е штетен за здравјето на граѓаните и дека со него се отвора пат за манипулација на институциите на системот, а во интерес на неколку компании-производители на канабис за медицинска употреба.
– Сосема спротивно на ставот на ВМРО-ДПМНЕ, со законот ќе се воспостави целосна контрола над производството, злоупотребата и употребата за медицински цели на опојните дроги и психотропни супстанции, а со тоа и заштита на животот и здравјето на луѓето. При тоа ќе се овозможи домашните производители на канабис за медицински цели да го извезуваат својот производ на светските пазари, потенцираше Севдински.
Тој наведе дека загубите на производителите на канабис за медицинска употреба предизивикани од забраната за извоз се повеќе од 50 милиони евра.
– Доколку не бидат донесени измените на законот, повеќе од 740 луѓе вработени во оваа индустрија ќе останат на улица, а дополнително и државата ја губи можоста за зџначаен девизен прилив кој ќе го обезбеди извозот на цветот од канабис за производство на масло за медицинска употреба, рече Севдински.